Пред пленарната седница на Европскиот парламент, претседателот на Европската народна партија, Манфред Вебер, изјави дека иднината на Српската напредна партија во ова групирање партии е под знак прашалник.
Вебер во своето обраќање изјави дека ЕПП „внимателно ја следи“ ситуацијата во Србија, осврнувајќи се на одговорот на владејачката СНС на студентските протести.
Во последниот период, властите во Србија влегоа во директни конфликти со демонстрантите, а неколку протести завршија со повредени лица.
Вебер додаде и дека лидерите на ЕНП иницирале дискусија за ситуацијата во Србија и членството на СНС во таа политичка групација, што ќе се одржи во наредните денови.
Покрај одговорот на СНС на протестите во Србија, оспорен е и фактот дека поранешниот претседател на оваа партија, кој сè уште има ефективна контрола врз процесите, Александар Вучиќ, јавно ги нарече европратениците „европски ѓубриња“.
Вреди да се истакне дека СНС е во оваа политичка група, како придружен член, од 2016 година, и дека Вучиќ имал силна поддршка од оваа група во минатото.
Од регионот, покрај СНС, во ЕПП членуваат ХДЗ, СДА и ПДП од Босна и Херцеговина, ХДЗ и Хрватската демократска христијанска партија од Хрватска, Бошњачката партија од Црна Гора и Сојузот на војводинските Унгарци од Србија.