Собранието ги разреши директорите на Агенцијата за администрација и Агенцијата за квалитет во високото образование

Собранието попладнево во рамки на 34. седница донесе Решение за разрешување на директорот на Агенцијата за администрација Спасе Глигоров и неговиот заменик Агрон Сефери. Донесена е одлука и за разрешување на директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование Расим Зуфери.

Пред да се гласа за одлуките, се одржаа кратки дискусии.

Да се ​​тргне од дневен ред точката за разрешување на Глигоров и Сефери побараа Талат Џафери и Блерим Беџети од ДУИ. Обвинија дека со овој начин на разрешување власта потврдува дека ја партизира администрацијата.

Според Џафери, претседателот на Собранието, Африм Гаши, не ја води седницата согласно Деловникот бидејќи овозможува директорот и заменик директорот, кои беа избрани на две различни седници, во два временски периоди, сега да бидат разрешени на иста седница. Ова се случува за првпат, нагласи Џафери, порачувајќи му на Гаши дека прави парадокс.

Собранието на попладневната седница ја изгласа и Одлуката за објавување на јавниот оглас за именување на претседател и членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

По разрешувањето на директорот и заменик директорот на Агенцијата за администрација, претседателот на Собранието Гаши ја прекина седницата и рече дека нејзиното продолжение ќе биде закажано дополнително.