Во Собранието во тек е пауза по која во 19:30 часот треба да продолжи расправата за разрешувањето на замениците-министри за одбрана, за земјоделство и за образование.
Во текот на денешната расправа опозицијата оцени дека реконструција е мотивирана од тесно партиски интереси.
Пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека ова парламентарно мнозинство е подготвено да ги разреши замениците и на нивно место да постави луѓе кои, како што рече, доставиле непреведени биографии. Тој рече дека за заменик министер за образование се предлага лице за кое просветен инспектор утврдил дека има спорна диплома.
– Треба да гласаат за лице за кое просветен инспектор има утврдено дека има спорна диплома односно лице кое за време на 27-ми април беше на најодговорната функција во МВР како министер, а не презема ништо за да се спречи насилството. Тоа лице кое го предлагате за заменик за образование во тоа време е највисок на хиерархијата на МВР и лице кое воопшто не беше повикано на одговорност, рече Ковачки.
Според пратеничката Велика Стојкова Серафимовска, она што го зборува премиерот Димитар Ковачевски не кореспондира со реалноста.
– Новите министри и сега заменици министри кои ги предлагате воопшто не се соодветни за позицијата. Ќе може ли со промените што ги правите да се реши проблемот со учебниците. Секоја година менувате функционери во оваа област и секако дека проблемите тешко ќе може да се решат. Во образованието се создава само хаос, рече Серафимовска.
Синоќа беа избрани четворицата нови министри – Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, како и Каја Шукова за животна средина и просторно планирање.