Објавен е јавен конкурс за креирање лого на Собранието на Република Северна Македонија, со цел законодавниот дом да го модернизира и обедини својот институционален, визуелен идентитет преку создавање заштитен идентитет, кој треба да ги одразува националните вредности, мисија и визија на институцијата, соопшти денеска прес-службата на Собранието.
Јавниот конкурс ги опишува главните елементи кои мора да бидат вклучени во понудите за идејни решенија за изработка на логото и критериумите што мора да се исполнат. Меѓу другото, дизајнот на логото мора да биде уникатен и неискористен, така што авторот мора да обезбеди ексклузивност на дизајнот и да гарантира дека финалното дело не повредува никакви интелектуални права.
Секој учесник на конкурсот, се додава во огласот, има право да поднесе најмногу три идејни решенија за логото на Собранието.
Предлозите што ќе пристигнат во Собранието ќе ги разгледува посебна комисија формирана од претседателот на Собранието. Рокот за доставување предлози е 45 дена од денот на објавувањето на Јавниот конкурс.