На конститутивната седница на Собранието на Република Македонија, одржана на 28 мај 2024 година, уредно беа верификувани мандатите на новоизбраните пратеници во eдинаесеттиот состав на Собранието. Притоа Собранието констатираше дека „на претседателот на Владата и на одреден дел на членовите на Владата со верификацијата на мандатот за пратеник, согласно член 8 став 1 од Изборниот законик им престануваат функциите во Владата. Заради обезбедување континуитет во работата на Владата, Владата ќе ги врши само најнеопходните функции до изборот на нова влада, соопшти попладнево Кабинетот на претседателот на Собранието.
Оваа практика, како што е посочено во соопштението, не се случува за прв пат, а записите за минатите собраниски состави укажуваат на слични констатации и тоа за мандатните периоди 1998-2002, 2002-2006 година и 2006-2008 година.
– Имено, кога не станува збор за оставка на претседателот на Владата, односно на Владата, кога и е изгласана недоверба на Владата или кога е распуштено Собранието, во Уставот, Законот за пратениците, Законот за Собранието и Изборниот законик, не постои одредба која што го уредува прашањето за функционирањето и престанокот на мандатот на Владата, во периодот по конституирањето на Собранието до изборот на нова Влада. Во конкретниот случај треба да се има предвид дека во членовите 43, 44 и 46 во Законот за Владата уредено е прашањето за престанок на мандатот само на министерот за внатрешни работи и на министерот за труд и социјална политика и за престанокот на функциите на дополнителните министри, а за претседателот на Владата и за останатите членови на Владата во законот не постои решение ниту постапка за престанок на функцијата, се вели во соопштението.
На овој начин, како што е посочено во соопштението, и на 28 мај годинава преставниците на политичките партии во Собранието пред конститутивната седница и на самата конститутивна седница останале конзистентни, односно останале на ставот на Собранието од наведените мандатни периоди, заради обезбедување континуитет во работата на Владата, таа да ги врши само најнеопходните функции до изборот на нова влада.
Пратеничката група на „Левица“ денеска соопшти дека до претседателот на Собранието поднела писмено барање за констатирање престанок на мандатот на пратеникот Талат Џафери од ДУИ – по основ на неспојливост на функцијата пратеник и премиер.