Советот за безбедност на Обединетите нации вечерва во Њујорк ќе одржи вонредна седница за ситуацијата на Косово, закажана на барање на Белград.
На седницата, која започнува во 21 часот по средноевропско време, Србија ќе биде претставена од претседателот Александар Вучиќ.
Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ вчера за РТС изјави дека Хју Тод, министерот за надворешни работи на Гвајана, кој во моментов претседава со Советот за безбедност, го информирал дека седницата би требало да биде отворена за јавноста.
Дачиќ рече дека имало „жестоки задкулисни игри“ за Гвајана да закаже затворена седница, наведувајќи дека западните земји се за тоа, и додаде дека „оддава признание“ на таа јужноамериканска земја ако е вистина дека седницата ќе биде отворена.
„Сметаме дека причината за затворањето на седницата е за тоа за светската јавност да не слушне што се случува во Косово и Метохија или да може да се шират лаги во меѓународниот медиумски простор“, оцени Дачиќ.
Србија во понеделникот поднесе барање за свикување на вонредна седница на Советот за безбедност на ОН поради ситуацијата на Косово, за која наведе дека е „во остра спротивност со Повелбата на ОН и резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН“.
Во барањето беше наведено дека „на територијата на Косово и Метохија, во тек е кулминација на долгорочните и добро испланирани и систематски дејствија на таканареченото раководство на косовските Албанци, со што Србите намерно се подложени на неподносливи услови за живот“.
„Станува збор за незаконската одлука на Привремените институции на самоуправа во Приштина за укинување на циркулацијата на српската валута динар на територијата на Косово и Метохија, што претставува продолжување на мерките на брутално физичко и институционално насилство врз Србите од страна на Привремени институции на самоуправа во Приштина, чија суштинска цел е целосно етничко чистење и исчезнување на српското население од тоа подрачје, кое во моментов е во тек“, се тврди во барањето на Србија.
Инаку, СБ на ОН одржува редовни седници за ситуацијата во Косово двапати годишно, во април и октомври, на кои се расправа за шестмесечните извештаи на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за работата на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК). Последната ваква седница се одржа на 23 октомври 2023 година.