Со 29 гласа „за“ советниците во Град Скопје, на вонредна седница, усвоија заклучок со кој предлагаат поддршката од Владата за ЈСП „Скопје“ да може редовно и нормално да функционира и да ја обавува дејноста за кое е основано претпријатието, да продолжи и во иднина.
Во заклучокот, за кој на седницата беше постигнат консензус од координаторите на советничките групи, се предлага и заедно со Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) да продолжат разговорите со Град Скопје и јавните претпријатија за нормализирање на состојбите.
Усвојувањето на овој заклучок следеше по двочасовната расправа во која имаше пофалби за владината одлука и партиски препукувања.
Градоначалничката Данела Арсовска ја поздрави одлуката на Владата и премиерот со која се овозможува на градските власти да им се дадат на заем дел од државните нафтени резерви. Таа рече дека кризата во ЈСП, не е резултат на несоодветното менаџирање на претпријатието, туку поради што редовната јавна набавка била предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки.