– „Современи музи“ e насловена изложбата што вечерва свечено беше отворена во организација на Здружението на ликовни уметници на град Тетово и Центарот за култура „Иљо Антески Смок“. Повод за оваа изложба е утрешниот Меѓународен ден на жената, 8 Март.
– Во своите дела, овие современи музи, преку примена на бои, линии, текстура, форма и градење на композициски целини, полека навлегуваат во внатрешниот свет на таа духовност, тука каде што се кријат милион желби и аспирации, тука каде што изгрева сонцето, тука каде што исчезнува гневот и хармонијата триумфира. Сето тоа е изградено преку комбинираниот визуелно-естетски јазик, но артикулиран пред сѐ преку лирската, геометриската апстракција, а особено преку концептуалната игра која без разлика на употребените материјали и техники, реализациите на делата даваат значење на идејата, истакна Арбенита Мета, претседателка на Здружението на ликовни уметници на град Тетово.
Дваесет и четири членови на здружението се претставени со уметнички дела од областа на сликарството, графиката и дигиталната фотографија.