Тинејџер го загуби животот, а уште еден е повреден при сообраќајна несреќа што се случи синоќа на улица „Цветан Димов“ во скопски Чаир.
Како што информира денеска МВР, 16-годишниот мотоциклист од здобиените повреди починал на местото на несреќата, додека смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош. Четиринаесетгодишникот кој го возел електричниот скутер се здобил со телесни повреди кои се констатирани во Ургентниот центар во Комплекс клиники „Мајка Тереза“.
Министерството за внатрешни работи во својот дневен билтен соопшти дека на 27.04.2025 година во 02:28 часот во Полициската станица Скопје било пријавено дека на ул. „Цветан Димов“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу мотоцикл „Миаџо Беверли“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник од Скопје и електричен скутер управуван од 14-годишник од Скопје.
„Вештачење на местото на настанот е извршено од страна на екипа на СВР Скопје и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот е предадено на обдукција. По документирање на случајот ќе следи соодветна тужба“, цитираат од МВР.