Фудбалерите на Челзи во саботата забележаа убедлива победа во натпреварот од ФА Купот против Престон на Стемфорд Бриџ, а резултатот беше 4:0.
Стрелец на третиот гол на натпреварот беше искусниот бразилски стопер Тиаго Силва, кој со сопругата ја прослави победата во луксузниот лондонски ресторан Новиков.
Тоа беше прва победа на сините во 2024 година, а Силва и неговата сопруга решија да се почестат со специјалитети во овој ресторан.
Изабел да Силва на својот Инстаграм профил објавила фотографија од сметката која ресторанот им ја дал по вечерата, а таа изнесувала неверојатни 900 фунти, што е нешто повеќе од 1.000 евра.
„Едноставна семејна вечера“, напишала Изабел покрај фотографијата, не криејќи го шокот од цената.
Инаку, најскапата ставка на сметката беше тапанчето на кралскиот рак вреден 105 евра, додека пекиншката патка чинеше 95 евра, а сушито „гункан“ 80 евра. Има и неколку коктели од кои секој чини 35 евра…
Овој ресторан е познат и по својата практика да бара минимално трошење од 50 фунти по гостин, а се чини дека е невозможно да се потрошат помалку.
Британските медиуми пишуваат дека ваквата вечера на Силва не е ниту меѓу најскапите кога се фудбалерите во прашање, откако Мика Ричардс еднаш тврдеше дека потрошил 130.000 евра за една ноќ во Лас Вегас.