– Во Брисел утринава започна состанокот на министрите за одбрана на НАТО на кој ќе се разговара за низа важни прашања, вклучувајќи ја и војната меѓу Русија и Украина, но и ситуацијата во Косово.
Со состанокот во седиштето на Алијансата претседава генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој на влезот во зградата им се обрати на новинарите, заедно со претседателот на Украина, Владимир Зеленски, кој пристигна на министерскиот состанок без претходна најава.
„Вашето лидерство, храброста на украинските војници и одлучноста на украинскиот народ продолжува да не импресионира и да нѐ инспирира сите нас и ние ќе бидеме покрај вас за да ѝ дадеме поддршка на Украина, бидејќи тоа е важно за цело НАТО. Министрите за одбрана на НАТО ќе разговараат денес и утре. Се разбира, ќе разговараме и за Украина. Ќе се состане и контакт групата за одбрана на Украина, каде ќе ја мобилизираме поддршката и ќе ја координираме нашата воена поддршка за Украина. Ќе се одржи и состанок на Советот НАТО-Украина, кој е воспоставен за дополнително да ги зацврсти нашите односи и да ѝ помогне на Украина да се движи кон членството во НАТО“, рече Столтенберг.
Тој истакна дека утре ќе разговараат и за низа важни прашања, вклучувајќи го и присуството на силите на НАТО во Косово.
„Утре ќе разговараме за прашањата на одвраќање и одбрана. Исто така, ќе разговараме за мисиите и операциите на НАТО, вклучувајќи го и нашето присуство на Косово. Ги видовме тамошните растечки тензии и важно е НАТО да го зголеми своето присуство на Косово“, рече Столтенберг.
Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, изрази благодарност до Столтенберг на укажаната поддршка.
„Бевте пред 2 недели во Киев. Мислам дека тоа беше многу важен состанок. Зборувавме за поддршката на Украина и како да се надмине престоечката зима. Ова за нас е еден од најважните предизвици. Се подготвуваме и сега ни е потребна поддршката на овие лидери. Затоа денес сме тука. Ќе зборуваме за приоритетите и како да се протера Русија од нашата територија. Важно е да знаете дека не сте сами. Единствено тоа е важно“, раче Зеленски, посебно нагласувајќи го значењето на системот за противвоздушна одбрана.
Столтенберг повтори дека се состанале во Брисел за да мобилизираат уште поголема поддршка за Украина.
„Станува збор за системи за противвоздушна одбран, артилерија, муниција. Ги поздравуваме соопштенијата што ги чувме пред неколку дена од Романија и Германија, а очекуваме и од останатите сојузници на НАТО да спроведат поголема поддршка за Украина, бидејќи е потребно да ја дадеме. Системот за противвоздушна одбрана е критичен за заштита на градовите, економијата и клучните инфраструктурни објекти на Украина“, рече Столтенберг и додаде:
„Путин се подготвува да ја искористи зимата како оружје за војна, напаѓајќи ги енергетските системи и гасната инфраструктура. Мораме тоа да го спречиме со напредни и зголемени способности.“
Денес прво се одржа состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина, а воведен збор имаше американскиот министер за одбрана, Лојд Остин. Попладне се планира состанок на Советот на НАТО-Украина, на седницата на министрите за одбрана, со учество на министерот за одбрана на Шведска, Пол Џонсон. На крајот на денот ќе биде организирана конференција за новинарите од страна на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Утре состанокот ќе започне со кусо обраќање на генералниот секретар на НАТО и на американскиот министер за одбрана. Потоа следи состанокот на Северноатлантскиот совет во рамките на седницата на министрите за одбрана со учество на министерот за одбрана на Шведска. На крајот од денот се планира конференција за новинарите од страна на генералниот секретар на НАТО.