Во главниот град на Албанија, Тирана, се одржува 12. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација на Европската Унија-Албанија, на кој учествуваат високи претставници на Албанија и на ЕУ.
Дел од средбата се премиерот на Албанија, Еди Рама, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, и други претставници на ЕУ и Албанија.
Пред почетокот на средбата, премиерот Рама и министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Олта Џачка, ги пречекаа претставниците на ЕУ, а фокусот на средбата е на повеќе прашања.
Овој состанок на Советот за стабилизација и асоцијација се фокусира на дискусиите за односите меѓу ЕУ и Албанија во рамките на Процесот за стабилизација и асоцијација, прашањата за билатералните односи според Договорот за стабилизација и асоцијација, неодамнешните случувања на Западен Балкан и европската перспектива на Албанија.
На крајот од средбата, Рама, Борел и Вархеји ќе одржат прес-конференција.