Во соопштението на бугарската влада се вели дека Коридорот 8 е транспортен проект кој е дел од Договорот за добрососедство од 2017 година, како и во неговите протоколи од 2019 и 2022 година кој не само што ја поврзува Македонија со Бугарија туку има за цел да ја зголеми геостратегиската автономија на Европската Унија.
Официјална Софија со зголемена доза на вознемиреност ги следи изјавите и декларациите на официјални македонски политичари насочени кон кршење на меѓународните обврски на инфраструктурно поврзување, односно најавите дека Скопје ќе бара од Европската банка за обнова и развој да ги пренасочи европските пари за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 за брза пруга на Коридорот 10.
Во соопштението на владата на Бугарија се вели дека токму Коридорот 8 е клучна логистичка рута вдолж јужното крило на НАТО со кое се поврзуваат Црното и Јадранското Море и затоа неговата изградба е од големо значење во актуелниот геополитички момент, а затоа одбивањето да се изградат главните компоненти ја ослабнува колективната безбедност на НАТО-алијансата.
„Благодарение на бугарските напори, Коридорот 8 е вклучен во опфатот на европскиот транспортен коридор ‘Западен Балкан – Источен Медитеран’ како приоритет за ЕУ. На крајот на 2023 година делницата Крива Паланка – Деве Баир беше назначена од ЕУ како еден од шесте водечки проекти на стратегијата ‘Глобал портал’ и финансирана со над 500 милиони евра грантови и заеми“, се вели во соопштението.
Дополнително, бугарската влада ја повикува Владата на Македонија да пристапи одговорно и со добра волја кон сите преземени обврски и договори кои се направени за навремена изградба на делниците од трасата на Трансевропскиот коридор на нејзина територија. Оттаму велат и дека од бугарска страна модернизацијата и завршувањето на железничката компонента се дел од националната програма „Транспортно поврзување 2021-2027 година“.
Kоридорот 8 е дел од Договорот за добрососедство од 2017 година, како и во неговите протоколи од 2019 и 2022 година. Меморандумот за разбирање меѓу Албанија, Бугарија и Македонија од октомври 2021 година, заедничката декларација на Албанија, Бугарија, Италија и Македонија од ноември 2023 година, декларациите од Самитот на НАТО од јули 2024 година итн.“, велат од бугарската влада.
Пред два дена специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, изјави дека европскиот транспортен Коридор 8 е од стратегиско значење за регионот, но, според него, новата влада во Скопје неделава покажала оти изгубила интерес за негово спроведување.
Инаку, Коридорот 8 треба да ги поврзе италијанското пристаниште Бари и албанското Драч со Скопје, Софија и Црното Море.
Забелешката е дека наместо овој коридор, во Скопје се дало приоритет на Коридорот 10, кој ги поврзува Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Македонија и Грција.