Случајот на Ал-Карни се вклопува во трендот на научници и академици кои се соочуваат со смртна казна поради изразување на нивните ставови на социјалните мрежи
Според судските документи до кои дојде Гардијан, истакнат професор по право во Саудиска Арабија е осуден на смрт под обвинение што вклучува поседување на профил на Твитер и користење WhatsApp за споделување вести „непријателски кон кралството“. Деталите за обвиненијата против академик Авад Ал Карни (65), кој беше уапсен уште во септември 2017 година, со Гардијан ги сподели неговиот син Насер, кој минатата година побегна од кралството и живее во Велика Британија.
Апсењето на академикот го означи почетокот на репресијата врз дисидентите од страна на тогаш новоименуваниот принц престолонаследник Мохамед бин Салман.
Медиумите под контрола на Саудиска Арабија го прикажуваат Авад Ал Карни како „опасен проповедник“, додека дисидентите велат дека тој е важен и почитуван интелектуалец со голем број следбеници на социјалните мрежи, вклучително и околу два милиони на Твитер.
Обвинителските документи што ги сподели со јавноста Насер Ал-Карни инсистираат на тоа дека користењето на социјалните мрежи е забрането во кралството од почетокот на владеењето на принцот Мохамед.
Застапниците за човекови права и саудиските дисиденти во егзил предупредуваат дека ова не е единствениот случај. Тие наведуваат дека минатата година докторант од Лидс и мајка на две деца, Салма ал Шехаб, е осудена на 34 години затвор бидејќи имала профил на Твитер и го користела за комуникација со неистомислениците. Друга жена, Нура ал Кахтани, беше осудена на 45 години затвор поради користење на Твитер за слични цели.
Преводот на обвиненијата против академик Ал Кани го вклучува „признанието“ на професорот дека користел профил на социјалните мрежи под свое име и дека ја користел апликацијата за „да го изрази своето мислење во секоја прилика“. Во документите стои и дека тој „признал“ дека користел WhatsApp.
Активистот за човекови права Џид Басјуниу рече дека случајот на Ал-Карни се вклопува во трендот на научници и академици кои се соочуваат со смртна казна поради изразување на нивните ставови на социјалните мрежи. Во исто време, тој предупреди дека Кралството се обидува да создаде меѓународна слика за инвестиции во технологијата, модерната инфраструктура, спортот и забавата, додека во исто време поединци повикуваат луѓето да бидат убиени поради нивните мислења, твитови, разговори …
Тој заклучи дека научниците не се опасни, ниту пак повикуваат на рушење на режимот.
Саудиската влада не одговори на барањето на Гардијан да го објасни случајот на академикот.