Еден од лицата осудени за убиство на руската новинарка Ана Политковскаја во 2006 година е помилуван по борбите во Украина, соопшти денес неговиот адвокат.
Сергеј Хаџикурбанов, поранешен полицаец во Москва, беше осуден на 20 години затвор на судењето во 2014 година. Но, неговиот адвокат Алексеј Михалчик вели дека сега добил претседателско помилување, откако го завршил неговиот шестмесечен воен договор во Украина.
Сергеј Хаџикурбанов е еден од петтемина осудени за делото.
Ана Политковскаја, истражувачка новинарка и гласна критичарка на руската војна во Чеченија, беше застрелана во лифт во нејзиниот станбен блок. За нејзиното известување за весникот Novaja Gazeta, таа се здоби со меѓународна слава со нејзината упорна истрага за руските злосторства во Чеченија.
Но, нејзините текстови, во кои таа беше многу критички настроена кон претседателот на Русија, Владимир Путин – кој во тоа време беше на втор мандат – и чеченското раководство, предизвика гнев кај многумина во врвот на руската Влада.
Сергеј Хаџикурбанов е прогласен за виновен за давање логистичка поддршка за убиството.
„Како припадник на специјалните сили, Сергеј Хаџикурбанов беше поканет да потпише договор за учество во специјална воена операција“, изјави неговиот адвокат за AFP и додаде: „Кога истече договорот, тој беше помилуван со претседателски декрет“, јавува BBC.
Министерството за одбрана на Русија регрутираше осуденици да се борат во Украина, превземајќи ја практиката од платеничката група Вагнер, која првпат ја усвои минатата година.
На судењето за убиството во 2014 година, Рустам Махмудов беше осуден на доживотна казна затвор бидејќи тој беше оној кој пукаше во Ана Политковскаја. Неговиот вујко Лом-Али Гаитукаев, еден од обвинетите за организирање на убиството, исто така беше осуден на доживотен затвор. Двајца од браќата на Рустам Махмудов, Џабраил и Ибрагим, беа осудени на 14 и 12 години во казнена колонија.
Никогаш не беше утврдено кој го нарачал убиството на угледната новинарка.