Граѓаните на Северна Македонија можат да патуваат во 130 земји во светот без виза, што е за три земји повеќе од минатата година.
Според „Индексот на пасоши Хенли“ , пасошот на РСМ е рангиран на 38-мо место во светот, што е скок од седум места во споредба со минатата година.
На листата за 2025 година, сме зад Србија, која е рангирана на 34-то место, додека сме пред Црна Гора (40), Босна и Херцеговина (42) и Албанија (43), Турција (46) и Косово (61).
Најмоќниот пасош во светот оваа година е Сингапур, чии граѓани можат да влезат во 193 од вкупно 227 земји без виза. На второ место се Јапонија и Јужна Кореја со пристап до 190 дестинации без претходна виза, на трето место се Данска, Франција, Германија, Ирска, Италија, Шпанија и Финска со пристап до 189 дестинации. На четврто место со пасош што овозможува патување без виза во 188 земји се Австрија, Белгија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија и Шведска, на петто место со можност за патување без виза во 187 дестинации се Грција, Швајцарија и Нов Зеланд. Британскиот пасош ви овозможува слободно патување во 186 земји, што ја става на шесто место, додека американскиот пасош е на 10-то место и ви овозможува патување во 182 дестинации без виза.