Со украдена лична карта се обидел да земе брз кредит. Во последниот случај евидентиран во билтенот на Министерството за внатрешни работи (МВР) пишува дека 45-годишен маж од Скопје со туѓа лична карта имал намера да земе брз кредит. Тој бил приведен во полиција и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава.
„На 02.11.2023 околу 09:30 часот во Скопје, полициски службеници од Полициската станица Чаир го лишиле од слобода Х.З. (45) од с. Крушопек, скопско. Тој се сомничи дека одзел лична карта на лице од скопско село и во филијала на финансиско друштво на подрачје на Бутел се обидел да земе кредит, претставувајќи се дека е лицето, но од вработените бил забележан дека лажно се претставува“, информираат од МВР.
Ова не единствениот случај. Според статистиката на мвр од година во година расте бројот на вакви измами.
„Во 2022 година, евидентирани се 43 случаи на злоупотреба на лични податоци/измами со брзи кредити. Поднесени се 16 кривични пријави и 24 писмени известувања, при што во рамките на расветлените случаи пријавени се 24 сторители и поднесено е едно известување до оштетено лице за поднесување на приватна тужба против откриен сторител. Годинава, во периодот јануари-јули 2023 година, пријавени се 65 случаи, за кои по преземени мерки и активности поднесени се девет кривични пријави и 30 писмени известувања, а во рамки на реализираните случаи кривично се пријавени 15 сторители“, додаваат од МВР.
До адресата на народниот правобранител пристигнале 30 претставки за финансиските друштва, од кои две се за злоупотреба на личните податоци со брзи кредити.
Финансиските друштва неодамна предупредија дека најчестите измами од брзи кредити се од блиски роднини и пријатели.
Министерството за финансии изготвува Правилник со кој ќе биде забрането одобрување на онлајн кредит. Одобрување ќе добијат само оние со физичко присуство. Додека се изготвува Правилникот инспекторите им наложиле на финансиските друштва парите да ги даваат лично на клиентите.