Утрово, според украинските и западните медиуми, Русија лансирала интерконтинентална балистичка ракета кон градот Днепар.
Ова е, како што е наведено, првпат Русија да користи ваков тип ракети во војната во Украина.
Интерконтинентална балистичка ракета ( ICBM ) е оружје со долг дострел што се лансира во вселената и потоа ослободува една или повеќе боеви глави кои повторно влегуваат во атмосферата и ги погодуваат своите цели.
ICBM се сметаат за проектили со минимален дострел од 5.500 километри, но некои верзии можат да поминат повеќе од 9.000 километри, според Центарот за контрола на оружјето и неширење.
ICBM може да се лансираат од силоси или мобилни фрлачи и можат да користат цврсти или течни погони.
Цврстите ракети се сметаат за поопасни бидејќи можат да се преместат и лансираат побрзо од течните ракети.
Првата ракета ICBM беше лансирана во 1957 година од тогашниот Советски Сојуз, додека Соединетите Американски Држави лансираа своја во 1959 година.
Потсетуваме, украинската армија соопшти дека рано утринава Русија за првпат лансирала интерконтинентална балистичка ракета кон Украина.
„Киев пост“ наведува дека станува збор за значајна ескалација на нападите извршени од руските сили на украинска територија.
Се наведува дека тоа го потврдиле и воздухопловните сили на украинската армија, додавајќи дека во нападот биле користени и други проектили и дека целта била критична инфраструктура.
– Помеѓу пет и седум часот наутро на 21 ноември, руските војници го нападнаа градот Днипро, погодувајќи бизниси и клучна инфраструктура. За време на нападот, беше лансирана интерконтинентална балистичка ракета од рускиот регион Астрахан, аеробалистичка ракета Кх-47М2 Кинжал беше истрелана од млазен авион МиГ-31К од регионот Тамбов, а седум крстосувачки ракети Кх-101 беа лансирани од бомбардери Ту-95МС во близина на регионот на Волгоград – изјавија од украинските воздухопловни сили.
Покрај интерконтиненталните балистички ракети, кои имаат голем дострел, други видови балистички ракети вклучуваат:
Ракети со среден дострел (IRBM), од 3.000 до 5.000 километри
Ракети со среден дострел (MRBM), помеѓу 1.000 и 3.000 километри
Ракети со краток дострел, со дострел помал од 1.000 километри