Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и државната секретарка Магдалена Несторовска, денеска оствариле работна средба со амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир, како и новиот заменик шеф на Делегацијата на ЕУ во земјава, Бен Нупнау.
Во оваа прилика министерот Спасовски изразил благодарност до амбасадорот Гир за поддршката и одличната соработка на МВР и Делегацијата на Европската Унија во голем број заеднички проекти, како и за можноста на денешнава средба да поразговараат за повеќе прашања од заеднички интерес.
– На средбата меѓу другото стана збор и за коорганизацијата на МВР на Република Северна Македонија и МВР на Кралството Шпанија на претстојната Конференција на министри за правда и внатрешни работи ЕУ-Западен Балкан која во периодот 26 и 27 октомври се одржува во Скопје, а министерот Спасовски ја истакна посветеноста кон организирањето на Форумот, по втор пат во нашава земја притоа информирајќи го амбасадорот Гир дека се преземени сите неопходни активности во насока на успешна организација на овој убав настан од огромно значење за граѓаните и за Република Северна Македонија, соопштија денеска од МВР.
Спасовски и Гир разговарале и за актуелни теми, меѓу кои и за претстојните избори, а во насока на заштита од сајбер напади. Притоа, министерот Спасовски истакнал дека тоа е предизвик за сите институции, за Државната изборна комисија, а од аспект на МВР во Одделот за спречување компјутерски криминал, постои 24-часовна екипа која работи на заштитата од напади од ваков тип. Тој информирал и за зголемената меѓуинституционална координација, односно за формирано координативно тело на ниво на Владата, како и тоа дека со НАТО скринингот веќе се познати слабите точки.
На средбата двајцата соговорници заклучиле дека отворањето на Форензичката Лабораторија на МВР со средства од ИПА фондовите на ЕУ ќе биде од огромно значење за државата и регионов, при што министерот Спасовски информирал дека веќе е добиена употребната дозвола и објектот се опремува, а лично тој очекува во најкраток можен рок да биде и официјално отворен и пуштен во функција.