Спасовски за отказите на 15 полициски функционери: Тошковски удри по професионалците во МВР

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во вчерашното гостување на Сител телевизија изјави дека се покренати дисциплински постапки, вклучувајќи и откази, за околу 15 високи полициски функционери од претходната власт. На ова реагираше поранешниот прв човек на МВР, Оливер Спасовски кој вели дека „се врши дискриминација и тоа не по политичка основа затоа што полициските службеници не може да бидат членови на политички партии туку дискриминација само заради тоа на кои позиции биле и во чие време биле на позиција“.

„Единствено логично објаснување на ваква состојба е само да се задскрие настанот којшто беше со бомбата во Керамидница, истиот ден да се објави друга вест.Апсолутно е недозволено да овие луѓе бидат понижени, иако досега не биле ниту казнувани ниту дисциплински гонети, сите се со Сертификати, некои од нив имаат и НАТО сертификати и сосема совесно, чесно и одговорно ја вршеле својата работа. Недопустливо е на ваков начин да се врши таков притисок и сеење на страв кај сите вработени во МВР преку ваквите случаи“, вели Спасовски.