Откако премиерот Димитар Ковачевски во петокот со својот бугарски колега Галаб Донев во телефонски разговор се заложија за мирно и безбедно чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари, вчера во посета на земјава беше бугарскиот министер за надворешни работи Иван Демерџиев кој со својот македонски колега Оливер Спасовски по нивната заедничка средба порачаа дека нема да се дозволи никаков инцидент на одбележувањето што треба да се одржи в сабота и оти во тој правец македонската полиција ги презема сите потребни мерки. Во меѓувреме, САД ги повикаа Бугарија и Северна Македонија да ја деескалираат својата реторика и брзо да ги решат билатералните спорови.
Ова за Гласот на Америка го соопштиле од Стејт департментот, одговарајќи на прашањето како ја коментираат одлуката на Бугарија да го повлече бугарскиот амбасадор од Скопје.
– Иднината на Северна Македонија е во ЕУ. САД продолжуваат да ја поддржуваат целосната евроатлантска интеграција на земјата, се вели во изјавата од Стејт департментот.
Бугарија минатата недела го повлече амбасадорот по нападот на секретарот на бугарскиот клуб „Борис Трети“ во Охрид.
Шефот на бугарската дипломатија Николај Милков тогаш најави дека нивниот амбасадор ќе остане во Софија се додека, како што рече, не биде регистриран напредок во однос на третманот на македонските граѓани со бугарска самосвест во Северна Македонија.
Од македонското МНР, пак, синоќа за МИА потврдија дека бугарскиот амбасадор, сепак, се враќа на своите дипломатски должности во Скопје во полн капацитет.
Во моментов, како што вели премиерот Ковачевски, нема најава за официјална посета на делегација од Бугарија за чествувањето на раѓањето на Гоце Делчев, но, посочува оти се уште има време до сабота.
Според него провокации на поединци, кои имаат име и презиме и кои се санкционирани согласно законите во нашата држава не можат да бидат основа и не можат да претставуваат основ да се смета дека цела наша држава или нашите институции имаат таков однос.
– Ние сме држава која на највисоко ниво го има издигнато остварувањето на правата на граѓани коишто се самоопределуваат на друг начин од Македонците, кои сме најбројни во државата. За тоа имаме институции, за тоа имаме уставно уредување, за тоа имаме низа на закони какви што закони нема ниту една земја во Европа. Тоа е нешто на што можеме да бидеме горди, изјави вчера Ковачевски по завршувањето на првиот панел од конференцијата „Година на нови можности“.
Од друга страна, како што посочи тој, постојат политичари во Бугарија кои со национализам и со популизам сакаат да добијат глас повеќе за наредните избори во Бугарија, а, според него тоа слично се случува и кај нас кога сме во избори. Но, тие, како што потенцира, не може да бидат основата за градење на односи меѓу двете држави.
– На ниво на односи меѓу две страни потребна е деескалација од двете страни и добро е што изјавата која што доаѓа од официјална Софија е дека тие сакаат деескалација, рече Ковачевски, додавајќи дека ние како држава ќе направиме се за 4 февруари да биде одбележан на достоинствен начин без можност за провокации.
Тој порача дека граѓаните можат да бидат мирни, достоинствено да го чествуваат роденденот на херојот и великанот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев.
Во однос на тензиите, Ковачевски рече дека се предизвикани од поединци и од групи кои се против европскиот пат на Северна Македонија и против интеграција на регионот во ЕУ.
Министрите за внатрешни работи на Северна Македонија и Бугарија Оливер Спасовски и Иван Демерџиев вчера од Скопје порачаа дека нема да се дозволи никаков инцидент на чествувањето и оти во тој правец македонската полиција ги презема сите потребни мерки.
– Ова е во услови на малку зголемени тензии, различни најави за нарушување на јавниот ред и мир. Сакаме да упатиме јасна порака дека нема да биде дозволен никаков инцидент. Македонската полиција ги презема сите неопходни мерки и активности и апсолутно не смее да се дозволи инцидент, односно ќе се обезбеди чествување како што доликува на нашиот великан Гоце Делчев, изјави министерот Спасовски по средбата со бугарскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев.
Дека ќе се работи на обезбедувањето мирно и спокојно чествување на Гоце Делчев по средбата потврди и Демерџиев.
– Ги добив сите информации од колегата Спасовски дека се ќе биде обезбедено, дека ќе бидат преземени апсолутно сите мерки за безбедно одвивање на настанот. И јас исто така го уверив дека луѓето кои ќе дојдат на чествувањето во никој случај нема да дозволам да предизвикаат какви било провокации или да дојде до несакани настани. Постигнавме согласност дека се ќе биде во најголем ред за одвивање на овој настан и да не дозволиме некои луѓе да се обидат да го распалат огинот, каде што го нема. Целта е да се одржи чествување на еден великан Гоце Делчев, а не да биде центар и место каде што ќе настанат радикални појави, изјави Демерџиев по средбата со неговиот македонски колега во Скопје.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски синоќа изјави дека партијата е за достоинствено одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
– Очекувам на 4 февруари да има една достоинствена манифестација, достоинствено одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, рече Николоски.
За претстојното чествување на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, а со цел одбележувањето да помине во мирна и пријателска атмосфера, задолжено е Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност во координација со соодветните служби во Република Бугарија да ги обезбедат сите услови за достоинствено чествување на овој голем ден.