Спасовски: И ДУИ ми се јави за Вјоса Османи, но таа дефинитивно мораше да ги помине процедурите

Поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, истакна дека претседателката на Косово, Вјоса Османи, дефинитивно морала да ги помине сите безбедносни процедури на скопскиот аеродром, бидејќи патувала со комерцијален авион.

„Факт е дека претходно имаше ситуација кога претседателката на Косово реагираше зошто морала да помине низ безбедносната контрола. Но, во тој момент никој не презеде иницијатива освен да посочи дека мора да се поминат безбедносните процедури и тоа е направено. Тој претседател при секое патување на скопскиот аеродром никогаш не заминувал без да ја помине безбедносната процедура. И во тој период на телефон ми се јавуваа функционери на ДУИ. Бараа информации зошто се случило тоа и јас секогаш ги давав информациите такви какви што се. Никој не испратил лично обезбедување да оди таму и да извади оружје за да нападне полицаец, а да не знае дека на тој начин го загрозува одбранбениот објект“, вели Спасовски.

„Апсолутно верувам дека секој, дури и претседателот на која било земја, треба да ги почитува куќните правила на земјата во која влегува. Бев министер за внатрешни работи, бев на чело на Владата, никогаш не сум поминал низ скопскиот аеродром без да ми се провери багажот или да не поминам низ скенер“, додаде Спасовски.

Според него, овој случај со претседателката на Косово Вјоса Османи и обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши е сериозен безбедносен инцидент и сите кои сакаат да се стават над Законот и Уставот мора да сносат политичка одговорност.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Спасовски, во интервјуто за телевизија Сител, на прашањето дали ќе ја поддржи интерпелацијата на претседателот на Собранието, одговори дека ќе ги поддржи сите механизми што ќе значат преземање одговорност.

Според него, на аеродромот можел да се случи сериозен вооружен инцидент меѓу колеги и со тоа да биде загрозен претседателот на Косово.