– Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска се обрати на промоцијата на развојната рамка на Црвениот крст на Република Северна Македонија „Трансформација 28”, на панел дискусијата на тема „Модалитети и можности за обезбедување на поефикасен одговор при итни состојби”.
Одговарајќи на прашање за важноста од соработката на МВР со граѓанскиот сектор во унапредување на безбедноста и сигурноста на граѓаните, преку активности како што се првата помош, безбедноста во сообраќајот, крводарителството, дисеминација на хуманитарно право и подготвеност и дејствување при итни состојби, Спасовски рече дека од исклучителна важност е унапредување на кој било од сегментите на кризно реагирање и укажување на прва помош.
– Од аспект на работењето на Министерството за внатрешни работи, од исклучителна важност е унапредување на кој било од сегментите на кризно реагирање и укажување на прва помош, сегменти во кои што полицијата, по природата на своето работење и по основ на законските надлежности за постапување, честопати знае да се најде и во ситуација партнерски и синхронизирано да делува, вклучително и со организација како што е Црвениот крст. Впрочем тоа се точките што беа назначени во вашето прашање – пружањето на прва помош, безбедноста во сообраќајот, потоа крводарителството, или пак заедничката соработка во делот на миграциите односно спроведувањето на меѓународното хуманитарно право и слично. Сите овие погоре споменати елементи во својата основа имаат првенствено превентивен карактер – што бездруго е од огромно значење бидејќи со самото тоа се превенираат и последиците, рече министерот Спасовски.