СДСМ го поднесе амандманот за зголемување на платите на полицајците и на сите вработени во МВР за 20 отсто. Со ова ќе ги мотивираме безбедносните сили кои секогаш се на првата линија во секоја криза со која се соочува државата, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, пред Комисијата за финансирање на буџетот.
Тој нагласи дека овој амандман е поднесен затоа што во предлог-буџетот нема финансиски средства кои предвидуваат зголемување на платите.
„Според дописот доставен од Македонскиот полициски синдикат, тие не информирале за состојбата со платите и барањето е таа да се зголеми за 20%. Ова е првата и суштинска причина што треба да се поднесе овој амандман“, рече Спасовски.
Тој нагласи дека според направените анализи, секаде во регионот има зголемување на платите во безбедносните сили, додавајќи дека во Црна Гора платите се зголемени за 100%, во Србија за 45%, во Босна и Херцеговина за 40%, во Албанија со 20 отсто, Косово со 30 отсто.
„Во последните 7 години зголемувањето на платите беше 25 отсто, додека во последните две години за полицајците беше 10 отсто. Мора да направиме се и со гласањето за овој амандман да покажеме дека имаме почит кон сите кои се грижат за безбедноста на нашата држава. Никој не сака да зборува за овие услуги кога условите се мирни, но ако не се инвестира во полиција во овој мирен период, скапо ќе платиме во услови на криза“, рече Спасовски.
Во моментот кога Спасовски зборуваше за амандманот се прошири информација дека се потпишува Колективниот договор меѓу синдикатите за вработени во Генералниот секретаријат на Владата и во службата за општа и заедничка работа, каде платите ќе се зголемат за 30 проценти.