– Важно е да ги утврдиме сите релевантни докази кои што практично ќе го дефинираат целиот овој случај, и нормално, сите оние кои се инволвирани да се изнесат пред лицето на правдата, изјави министерот за правда, Оливер Спасовски, во врска со случувањата на Клиниката за Онкологија.
Во изјава за медиуми по воведното обраќање на настанот на дванаесеттата сесија на работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24), Спасовски рече дека досега е извршен претрес на Клиниката за онкологија и кај две лица. Тој дополни дека имаат податоци и информации од многу лица кои што се јавуваат во МВР, помеѓу кои и новинари.
Во тимот што е формиран конкретно за овој случај, Спасовски рече дека ги има сите профили на лица кои што се потребни за анализирање на материјалите и успешно спроведување на истрагата.
– Сите капацитети се ставени во функција, како што впрочем се работи на секој еден предмет кој што го имаме. Секој еден експерт кој што ќе има потреба да биде вклучен, иако на почетокот не бил вклучен, ќе се вклучи за да ги обезбедиме сите докази кои што се потребни за истрагата, рече министерот, дополнувајќи дека полиција е во полна пареа и ќе работи деноноќно на процесот.
Министерот рече дека МВР има капацитет да се справи со овој случај.
– Досега во многу потешки случаи се покажал капацитетот на МВР, меѓутоа, многу поважно од капацитетот е волјата која што ја имаме како раководство на МВР и ЈО, заради тоа што за она за кое 20 години се шепотело, денеска се преземаат активности, рече тој.
Во однос на прашањето дали имаат првични информации од кога започнуваат потенцијално преземените криминални дејства, тој одговори дека тоа ќе го соопштат кога ќе ги утврдат фактите.
– Тоа ќе го соопштиме во моментот кога ќе се утврдат фактите и мислам дека нема да ни користи доколку предвремено излегуваме со одредени информации кои можат да наштетат на текот на истрагата, или, пак, да влијаат врз основа на овие изјави кон одредени лица кои што треба да бидат дел од процесот, или дел од сведоците, рече министерот Спасовски.
За протестот што ќе се одржи вечерва од 18 часот пред Владата на Република Северна Македонија, тој рече дека грижата на секој граѓанин е оправдана.
– Прво, сакам да изразам убеденост во грижата на граѓаните, заради тоа што сите ние прво сме граѓани па после друго и сме сериозно загрижени, посебно за случувања кои што имаат директно влијание врз човечките животи. Од тој аспект, сметам дека е сосема оправдана грижата на секој еден граѓанин на државата. Наше е да обезбедиме и да гарантираме дека постапката ќе заврши до крај и дека кој било да се огрешил ќе мора да носи одговорност. Таа да биде брза и ефикасна и на тој начин да помогне вакви случувања да нема во иднина, дополни тој.