Односите меѓу Бугарија и Русија се на најниско ниво во целиот постсоцијалистички период, оцени во интервју за ТАСС руската амбасадорка во Бугарија Елеонора Митрофанова.
– Денес нивото на нашите билатерални односи е најниско за целиот постсоцијалистички период. Официјалните контакти се чисто од ситуација-до-ситуација, бугарските колеги се јавуваат ако им треба нешто, а нашите повици најчесто ги игнорираат. Нема ни размена на мислења за актуелни прашања од меѓународната агенда. Голем број политичари и медиуми се обидуваат сето негативно што се случува во Бугарија да го поврзат со Русија, објаснувајќи ги новите проблеми со „силното руско влијание“, а во кривичните случаи бараат „руски траги“. Сето ова е фикција, напор да се наметне на бугарските граѓани крајно негативна слика за Русија. Ми се чини дека тоа се уште не е постигнато, па социолошките истражувања покажуваат дека 65 отсто од граѓаните имаат позитивен став кон нашата земја. Најсилната вакцината против негативните ставови е нашата заедничка историја – таа се уште функционира, но времето ќе покаже дали ќе продолжи да дејствува со промената на генерациите, рече Митрофанова.
Според неа, бугарските политичари спроведуваат наредби од Западот, обидувајќи се одново да ја напишат историјата и да укинат сè што е поврзано со Русија, пренесува БТА.
Таа вели дека Софија се обидува да ги ревидира настаните од „Руско-турската војна од 1877-1878 година, по која Бугарија се врати на политичката карта на светот, а тоа го прави со укинувањето на статусот на национален празник на Денот на ослободувањето на земјата од османлискиот јарем, што се слави на 3 март“.
– Обидот да се воведат амандмани на Уставот, да се смени националниот празник е поврзан со моменталната ситуација, со обидот да се укине Русија и се што е поврзано со неа. Бугарија сега се обидува да ја следи модата на современиот Запад. Мислам дека ова што се случува е нарачан ентузијазам, обид да се преформатира бугарското општество, да му се помогне да ја заборави својата историја и во исто време да ги одврати од разговорите за актуелните проблеми, проблемите поврзани со градењето на иднината, вели Митрофанова.
Таа истакна дека во 1990-тите и Русија и другите земји од поранешниот социјалистички табор се обиделе да ја ревидираат сопствената историја. Сепак, според неа, руско-турската војна има посебно место во историјата и на Русија и на Бугарија, што овозможува продолжување на соработката, без разлика на политичката ситуација.
– Бугарските политичари, кои се обидуваат да ги уништат спомениците на советските војници, сакаат да нанесат ментална траума на Русија и да ја ревидираат историјата, рече Митрофанова во интервјуто за ТАСС.