Србинките кои до Нова година ќе наполнат 63 години и осум месеци, а имаат најмалку 15 години работен стаж, ќе одат во пензија. Оние кои се родени еден ден подоцна ќе мораат да поработат уште два месеца.
За помалку од еден ипол месец во Србија ќе стапат во сила нови правила за пензионирање. Од 1 јануари наредната година жените ќе остваруваат право на пензија со наполнети 63 години и 10 месеци, за разлика од оваа година кога старосната граница е 63 години и осум месеци.
Но, ова поместување на старосната граница за пензионирање на жените во Србија е само еден од повеќето чекори со кои до 2032 година возраста за остварување пензија на српската жена ќе се искачи на 65 и повеќе години, со 15 години стаж или 45 години стаж без оглед на возраста. Дотогаш секоја година возраста за пензионирање ќе се зголемува за по два месеца.
Така, веќе во 2026 година старосната граница ќе се помести на 64 години, следната година на 64 години и два месеца, во 2028 на 64 години и четири месеци, во 2029 на 64 години и шест месеци, во 2030 на 64 години и осум месеци, во 2031 година на 64 години и десет месеци и конечно во 2032 на 65 години старост. За одење во пензија се признава само стажот за кој се платени придонесите, па затоа на идните пензионерки им се препорачува да го проверат својот М4 образец.
Доколку се исполнети условите за пензија, а не се обезбедени сите податоци, според новата регулатива се дава привремено решение за висината на пензијата, а рокот за обезбедување на податоците кои недостасуваат е три години. Ако и во тој период не се обезбеди комплетната документација, привремената пензија ќе стане трајна.