Србите и Русите поседуваат најлуксузни јахти во Црна Гора

За помалку од три години, бројот на луксузни јахти регистрирани во Црна Гора се зголемил за дури 77 проценти, од 298 на 528 пловила во сопственост на 49 земји.

Најзастапените сопственици се од Србија (161) и Русија (121), кои заедно сочинуваат повеќе од половина од вкупниот број, пишува веб-страницата bankar.me.

По неа следува Црна Гора со 75 јахти, потоа Украина (20), Соединетите Американски Држави (19), Босна и Херцеговина (16), Израел (10) и Естонија , Германија и Швајцарија со по осум до девет пловила.

Иако Црна Гора има либерален режим на регистрација и бенефиции кои се привлечни за граѓаните на ЕУ, сопствениците од Европската Унија сочинуваат само осум проценти од сите јахти – односно 43 од вкупно 528. 

Ова укажува дека црногорскиот регистар првенствено привлекува нерезиденти надвор од Унијата, особено од регионот, постсоветскиот простор и земјите со силна традиција на поморски туризам.

Растот на регистрираните јахти во Црна Гора е стабилен и долгорочен, а само во претходните 12 месеци бројот се зголемил за 10,7 проценти, што укажува на забавување на растот во споредба со претходниот период, но сепак укажува на висока привлечност на регистрацијата.

Регистарот вклучува и сопственици од земји кои не се поморски сили – како што се Казахстан, Белорусија, Индија, Албанија , но и оние со развиена поморска инфраструктура, вклучувајќи ги Австралија, Израел, САД, Хонг Конг, Перу, Саудиска Арабија и Кајманските Острови.