Владата на Србија ја одобри одлуката за формирање на координативно тело за гарантирање на снабдувањето со гас и нафта, по воведувањето на потенцијалните санкции на САД за нафтената индустрија на Србија (НИС) поради руска сопственост.
Во соопштението се наведува дека ова тело ќе ја насочува и координира работата и активностите на работните групи – едната која ги следи активностите на Американското Министерство за финансии, а другата за преговори и договори за снабдување со природен гас за Србија од Русија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави за српската јавна телевизија РТС дека очекува САД да воведат санкции за НИС на 10 или 13 јануари.
Руската државна компанија Газпром Нефт и нејзината матична компанија Газпром имаат мнозинство од акциите на НИС, 56,15 отсто, од 2008 година, додека 29,87 отсто од компанијата е во сопственост на државата Србија.
На 4 јануари Вучиќ изјави дека американскиот потсекретар за економски раст, енергија и животна средина, Хозе Фернанез, му потврдил дека САД ќе воведат санкции за НИС.
Американскиот Стејт департмент на 16 декември изјави за Радио Слободна Европа дека не ги потврдува санкциите, но „се обврзува да го попречи создавањето приходи на Русија, како и финансиските мрежи што Русија ги користи за поддршка на војната против Украина“.
Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, на 23 декември изјави за РТС дека не знае за воведувањето санкции.
Сепак, според него, „има загриженост“ дали НИС во руски раце некако помага во финансирањето на војната на Москва во Украина и дека овие прашања треба внимателно да се анализираат.
Европската унија и САД го ставија на црната листа на Гаспром Нефт во 2014 година, откако Русија го анектираше украинскиот полуостров Крим.
Гаспром, пак, не е на списокот со санкции на Западот.
И покрај напорите за диверзификација на изворите на енергија – по почетокот на војната во Украина – Србија продолжува во голема мера да зависи од руските енергетски извори, а оваа зависност беше еден од главните аргументи на официјален Белград да не воведува санкции кон Москва. и покрај инсистирањето на Западот.