– Азербејџан и Србија денес во Баку потпишаа стратегиски важни документи за соработка во областа на природниот гас, врз чија основа следната година на таа балканска земја ќе ѝ бидат испорачани 400 милиони кубни метри азербејџански гас.
Потпишан е Меморандум за разбирање помеѓу Државната нафтена компанија на Република Азербејџан (СОКАР) и Србијагас, како и Договор за продажба на гас.
Документите се потпишани во рамките на средбата меѓу министерот за енергетика на Азербејџан, Парвиз Шахбазов, и делегацијата предводена од министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, која престојуваше во Баку.
На средбата е истакната значајната улога на пријателските односи помеѓу претседателите на Азербејџан и Србија во сеопфатниот развој на односите засновани врз стратегиското партнерство на двете земји. Оценети се широките можности за соработка во областа на природниот гас и електричната енергија. Утврдено е дека енергетската соработка е исклучително важна за развојот на билатералните односи на ново ниво и во таа насока Азербејџан и Србија му придаваат големо значење на партнерството во областа на природниот гас, соопшти Министерството за енергетика на Азербејџан.
Министерот за енергетика на Азербејџан, Парвиз Шахбазов, изјави дека документите што денес ги потпишаа двете земји ги поставуваат темелите за мултилатерална соработка во областа на гасот, вклучително и првпат испораката на гас од Азербејџан за Србија.
„Во рамките на состанокот со министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓодовиќ Хандановиќ, беа потпишани стратегиски важни документи за соработка во областа на природниот гас помеѓу Азербејџан и Србија. Како резултат на снабдувањето со гас до 400 милиони кубни метри годишно Србија ќе стане нов партнер на Азербејџан во диверзификацијата на пазарот на гас во Европа. Улогата на нашата земја во енергетската безбедност станува сѐ посилна“, изјави министерот за енергетика на Азербејџан, Парвиз Шахбазов.
Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, изјави дека денес двете земји отвориле ново поглавје во економската и билатералната соработка.
„Со снабдувањето на Србија со азербејџански гас преку интерконекторот Бугарија-Србија, кој се очекува да биде пуштен во употреба во блиска иднина, ќе ја постигнеме нашата стратегиска цел за диверзификација на нашите извори на снабдување на овој енергенс и дополнително да ја зајакнеме нашата улога како транзитна земја за дистрибуција на гас во Централна Европа. Со потпишаниот договор е планирана испорака на 400 милиони кубни метри гас наредната година и очекуваме овие количини дополнително да се зголемат наредните години“, рече српската министерка.
Претседателот на СОКАР, Ровшан Наџаф, истакна дека потпишаниот договор ќе отвори нова страница во соработката меѓу СОКАР и Србијагас. Тој укажа на важноста на успешното спроведување на договорот за зајакнување на енергетската безбедност на Србија, како и на односите помеѓу двете земји и компаниите.