Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во вторникот ја предупреди Украина дека ќе „изгуби сè што има“ доколку ја признае независноста на Косово, можност што се разгледува во Киев.
Олександр Мережко, претседател на Комитетот за надворешна политика и меѓупарламентарна соработка на украинскиот парламент, во понеделникот во интервју за косовската телевизија TV7 изјави дека во Киев се разговара за признавањето на Косово, истакнувајќи дека – „не е лесно да се донесе таа одлука“, но дека – „барем би можело да се размислува за отворање на канцеларијата за дипломатски врски во Приштина“.
Тој додаде дека во украинскиот парламент има претставници кои го поддржуваат признавањето на независноста на Косово, а отворањето на канцеларија за врски во Приштина може да биде одговор на поддршката што Косово ја дава на неговата земја.
И украинскиот амбасадор во Белград, Володимир Толкач, во вторникот потврди дека такви размислувања има во Киев.
Тој посочи дека Украина има принципиелен и стабилен став и го почитува територијалниот интегритет на Србија, но ја повикува, како кандидат за членство во Европската унија, да ја усогласи својата надворешна политика со ЕУ, особено во однос на руската агресија врз Украина.
Коментирајќи ги изјавите на украинските претставници, српскиот претседател Александар Вучиќ кажа дека признавањето на Косово за Украина би било загуба во контекст на нејзиниот територијален интегритет.
„Го запознав претседателот Володимир Зеленски и мислам дека тој е многу помудар и попаметен од Олександр Мережко. Замислете, ако Украина го признае независно Косово, за еден ден ќе изгуби се што има во свои раце“, вели Александар Вучиќ.
Србија не ја признава независноста на својата поранешна јужна покраина, која беше прогласена во 2008 година по интервенцијата на НАТО со која беше запрена војната меѓу српските сили и етничките Албанци.
Официјален Белград, кој има блиски односи со Москва, во неколку декларации на ОН се приклучи кон осудата на руската агресија врз Украина и го поддржа нејзиниот територијален интегритет, но упорно одбива да се приклучи кон западните санкции од ЕУ против Русија.