СРЕБА ВО МОСКВА – Кремљ: “Путин и Лукашенко не разговараа за распоредување на нуклеарно оружје!“

Претседателот на Русија Владимир Путин не зборувал за инсталирање на руско стратешко нуклеарно оружје во Белорусија за време на неговиот разговор со белорускиот претседател Александар Лукашенко во четвртокот во Москва, соопшти портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Владимир Путин минатиот месец објави дека Русија ќе распореди тактичко нуклеарно оружје со краток дострел на територијата на својот сосед. Официјална Москва вели дека била принудена на потег со проширувањето на воената алијанса на НАТО кон руските граници.

Тоа беше прв пат Русија да соопшти дека ќе стационира нуклеарно оружје на територијата на друга земја од крајот на Студената војна пред три децении и се чини дека го зголеми влогот, барем симболично, во продлабочувањето на кризата во односите со Западот поради војната во Украина.

Александар Лукашенко минатата недела кажа дека, доколку се појави потреба, Русија би можела таму да распореди интерконтинентални нуклеарни ракети, особено ако Западот се закани дека ќе ја уништи Белорусија.

Владимир Путин и Александар Лукашенко одржаа дводневни разговори во Москва за создавање унија на двете поранешни советски републики.

Русија ја искористи територијата на Белорусија за да изврши инвазија на Украина во февруари минатата година, а оттогаш нивната воена соработка се интензивира, со заеднички вежби на белоруска територија.

Меѓутоа, Александар Лукашенко инсистира дека Белорусија не е дел од војната, ниту пак има намера да стане.

Во јавните изјави на Владимир Путин и Александар Лукашенко на средбата не се споменуваше војната во Украина.

Александар ЛукашенкоБелорусијаВладимир ПутинвојнаДимитриј ПесковКремљнуклеарно оружјеРусијаУкраина