Средбата Трамп-Путин во Будимпешта дефинитивно откажана, но има нови планови

Американскиот претседател Доналд Трамп по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Белата куќа изјави дека планираната средба со Владимир Путин во Будимпешта дефинитивно нема да се одржи. Сепак, тој најави дека средбите ќе се одржат во иднина.

„Ја откажавме средбата со претседателот Путин. Имав впечаток дека нема да го постигнеме она што требаше да го постигнеме. Затоа ја откажав, но ќе го сториме тоа во иднина“, објасни Трамп.

Откажувањето на состанокот доаѓа откако Русија повторно го отфрли прекинот на огнот во Украина, кој беше поддржан од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, и лидерите на земјите во Европа.

На прашањето дали мисли дека рускиот лидер не бил искрен со него, американскиот претседател одговори дека разговорите со Путин „може да бидат добри“, но дека во моментов, на крајот на краиштата „тие едноставно не водат никаде“.

Синоќа, американското Министерство за финансии воведе санкции против двете најголеми руски нафтени компании, а сето тоа со цел да го принуди Путин да седне на преговарачка маса во тешка позиција.

Според министерот Скот Бесент, ова се „некои од најголемите санкции“ што САД некогаш ги вовеле врз Русија. Зборувајќи за санкциите, тој откри дека Русија и САД водат преговори „зад сцената“ и дека Трамп сега е „разочаран од тоа каде се наоѓаме во овие преговори“, алудирајќи на фактот дека санкциите беа воведени токму затоа што преговорите не одат во вистинската насока.