Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, се сретна со премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски.
„Имав средба со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, за зајакнување на односите и заедничките иницијативи за постабилна иднина на нашите граѓани. Разговаравме за економски и инфраструктурни проекти, со посебен акцент на изградбата на пругата Будимпешта-Белград-Скопје-Пиреја, која би ги поврзала јужна и централна Европа, како и подобрување на трговијата и соработката во областа на енергетиката“, се наведува во официјалниот Инстаграм профил на српскиот претседател.
Тој нагласи дека се согласиле дека солидарноста и меѓусебната поддршка се клучни за стабилноста и развојот на целиот регион.
„Посебно сум благодарен за фактот што Северна Македонија е еден од клучните партнери во иницијативата Отворен Балкан, која стана симбол на силната соработка и поврзаност на Западен Балкан. Нашата заедничка цел е подобра иднина за сите граѓани, додека соработката преку иницијативата Отворен Балкан и други проекти останува цврста основа врз која ја градиме иднината на целиот регион. Убеден сум дека ќе продолжиме да ги развиваме односите во духот на пријателството и партнерството“, вели Вучиќ.
Мицкоски е во дводневна посета на Србија по повод Меѓународниот ден на виното, ракијата и туризмот „Винска визија на отворениот Балкан“, а ќе се сретне и со српскиот премиер Милош Вучевиќ.