Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денес оствари работна средба со австрискиот покраински министер за европски и меѓународни прашања на сојузната покраина Штаерска, Вернер Амон и со новоименуваниот амбасадор на Австрија во Република Македонија, Мартин Памер.
На средбата се разговараше за реализацијата на капиталните проекти во изградба и унапредување на целокупната инфраструктура во државата.
Министерот Бочварски ги запозна австрискиот покраински министер и амбасадорот за крупните инфраструктурни проекти што се реализираат на Коридор 8, Коридор 10 и 10-д, како главни европски коридори во регионот за кои Европската унија обезбедува поддршка на Република Македонија.
Министерот Бочварски потенцираше дека Република Македонија во делот на транспортната политика во континуитет ја усогласува легислативата со таа на Европската унија.
На средбата се отвори и прашањето за изградба на железничката пруга на источниот дел на Коридор 8, како и останите капитални проекти со кои Македонија учествува како рамноправен партнер во економското зајакнување на регионот.
„Драго ми што Австрија како членка на ЕУ обезбедува континуирана поддршка за Македонија. Денешната средба со австрискиот покраински министер, Амон и амбасадорот Памер само го потврдува тоа. Средбата ја искористив да поразговараме за капиталните проекти и нивното огромно значење за регионот. Исто така ги запознав министерот и амбасадорот со крупните капитални проекти и она што планираме да го реализираме во делот на инфраструктурата и транспортниот сектор. Во земјава има голем број на австриски компании што работат и соработуваат со домашните компании и верувам дека таквата соработка ќе продолжи и во иднина.” – изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Министерот Бочварски изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка и во понатамошниот период