Тековните и идни активности што МВР ги реализираат во рамки на „Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор” беа тема на разговор на денешната работна средба на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со раководителот на Дивизијата за Европа и Централна Азија на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ), Дарко Станчиќ.
На средбата, како што информираа од МВР, министерот Спасовски изрази благодарност за поддршката и континуираната соработка во реализацијата на Програмата, што се спроведува во партнерство со ДЦАФ.
Во соопштението се посочува дека Министерството за внатрешни работи спроведува активности со цел постигнување три цели во рамки на Програмата и тоа поефикасен и отчетен синџир на кривична правда за употреба на посебни истражни мерки, капацитет за поддршка на имплементацијата на Акцискиот план за интегритет на полицијата во МВР и подготвеност за спроведување на Конвенцијата за полициска соработка (ПЦЦ) на Советот за регионална соработка (РЦЦ) и Конвенцијата од Прим за регионална/ЕУ автоматизирана размена на ДНК податоци, дактилоскопски податоци и податоци за регистрација на возила .