Средба на првите луѓе на Фармацевтската комора и Фондот за здравство

ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ПОВЕЌЕ И ПОЕФИКАСНИ ЛЕКОВИ ВО АПТЕКИТЕ И БОЛНИЦИТЕ

Обезбедување повеќе и поефикасни лекови во аптеките и болниците, проширување на позитивната листа со нови, посовремени лекови и третманот на лековите што не се наоѓаат на позитивната листа, како и суштинските проблеми со кои се соочуваат болничките аптеки во делот на нивниот статус и функционирање, беа тема на разговор на средбата на претставниците на Фармацевтската комора на Република Македонија со в.д.директорот на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија Сашо Клековски.

На состанокот со првиот човек на Фондот, присуствуваа спец.фарм.Весна Ставрова, претседател на Фармацевтската комора на Република Македонија, доцент, д-р Билјана Лазарова, претседател на Одборот на болнички фармацевти при Комората и м-р. фарм.спец. Маја Ковачева, заменик директор на Агенцијата за лекови (МАЛМЕД).

Директорот Клековски беше информиран за актуелните проблеми на кои наидуваат фармацевтите што бараат брзо решавање. Беше отворено и прашањето за покачување на цената на услугите на фармацевтите, со акцент на тоа дека разговорите на оваа тема ќе продолжат и понатаму.

Претставниците на Фармацевтската комора добија поддршка од Клековски за потребата од континуирано унапредување на статусот на фармацевтите, како најдостапни здравствени работници и неопходноста од нивно третирање како рамноправни чинители во здравствениот систем на државата.

Истовремено, беше договорено соработката меѓу Фондот за здравство и Фармацевтската комора да продолжи и понатаму, низ редовни средби во насока на подобрување на здравствените здравствените услуги на осигурениците.