Средба на претседателот Гаши со делегација на баварскиот Парламент

 Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со делегацијата од баварскиот Парламент. Тој на средбата, како што што соопшти неговиот Кабинет, изрази големо задоволство за континуираниот германски интерес за унапредување на соработката на сите нивоа, вклучително и на парламентарно ниво.

Сојузна Република Германија, рече претседателот на Собранието, е наш силен поддржувач во изминатите децении за остварувањето на нашите стратешки цели – претходно членството во НАТО и актуелно, напорите за наше што поскоро зачленување во Европската Унија, за што сме особено благодарни.

Гаши, исто така, се осврна и на трговската размена.

-Германија е наш најголем трговски партнер, рангирана на прво место, со кој остварувaме најголем обем на трговска размена со светот во последните 10 години. Високата трговска размена е резултат на значајни германски инвестиции, истакна Гаши.

Членовите на Делегацијата изразија благодарност за приемот и на Гаши му посакаа успех на неговата нова функција како претседател на Собранието.

Тема за дискусија беше и образовниот систем, при што беа разменети мислења за дуалното образование. Гаши нагласи дека таа тема е многу важна за нашата држава и дека, благодарение на интересот на германските компании да инвестираат во нашата земја и проектот за поврзување на образовниот систем со дел од компаниите, дуалното образование е вклучено во седум средни училишта во земјава.

Двете страни се согласија за продлабочување на парламентарната соработка, како и и за соработката на сите други нивоа.