– Позитивниот став за средби и посети е многу важно да продолжи во иднина, затоа што на тој начин се испраќаат пораки за спремност за отворен разговор и желба за унапредување на билатералните односи меѓу две соседски држави, истакнал претседателот на Собранието, Јован Митрески, на денешната средба со Ангел Ангелов, амбасадор на Република Бугарија во Република Северна Македонија.
Како што соопшти собраниската прес-служба, претседателот Митрески го поздравил формирањето на Парламентарна група за пријателство со Собранието на Република Северна Македонија во Народното Собрание на Бугарија, при што се очекува по завршување на парламентарниот избори во земјата и формирањето на Група за соработка во Собранието и тие да се состанат и да остварат позитивна соработка.
Амбасадорот Ангелов му честитал на Митрески за неговиот избор за претседател на Собранието на Република Северна Македонија и му посакал успешна работа. Истакнал дека комуникацијата меѓу двете држави мора да продолжи со цел да се зацврсти меѓусебната соработка. Како што стои во соопштението, тој покажал интерес за тековните законски решенија кои во моментов се усвојуваат во Собранието.
– Двајцата соговорници ја реафирмираа важноста за подобрување на севкупните односи и соработка меѓу две држави, со посебен акцент на европската перспектива на Република Северна Македонија. Истакнаа дека е потребно е да се креира и промовира позитивна реторика која може да придонесе за градење на меѓусебна доверба, како и продолжување на динамиката во билатералната агенда, со цел да се постигнат резултати кои се конкретни и видливи за граѓаните, соопшти собраниската прес-служба.
Тие се согласиле, се додава во соопштението, дека единствениот пат кон побрз развој е продлабочување на економска соработка, што ќе придонесе за постигнување на клучните европски приоритети додека енергетското и инфраструктурното поврзување се клучен предуслов за развој на успешен бизнис и за издржливост за време на кризи.