Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски имаше работна средба со Лаура Лунгароти, субрегионален координатор за Западен Балкан на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), и со Соња Божиновска, раководител на Мисијата на ИОМ во Република Северна Македонија.
Како што информира МВР, Спасовски на средбата ја истакна извонредната соработка и силното партнерство што постои помеѓу МВР и ИОМ која, како што е наведено, особено дојде до израз од почетокот на мигрантската криза, а понатаму се рефлектира и надградува во изминатиот период.
-Особено внимание и благодарност од страна на претставничката на ИОМ, Лунгароти, беше искажана во врска со поддршката и постојаната координација и соработка за време на минатогодишната конференција во заедничка организација на Меѓународната организација за миграции и Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија насловена „Одржливо управување со миграциите во Западен Балкан“ која на 15 и 16 ноември се одржа во Скопје, соопшти МВР.
На средбата, меѓу другото, е разговарано и за неколку нови предлог-иницијативи и активности коишто ИОМ има во план да ги реализира во претстојниот период во нашата земја и во регионот на Западен Балкан, кои се однесуваат на ефективно управување со миграциите, враќањето и реадмисијата,
– Заеднички беше потврден натамошниот ангажман и посветеност во областите на управување со миграцијата, меѓу кои и борбата против организираниот криминал, криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе, со заемно уверување и поддршка за имплементирање на натамошни проекти и активности со цел справување со предизвиците од нелегалната миграција, враќањето и реадмисијата, информира Министерството за внатрешни работи.