Средба Силјановска Филипче на средба со Силјановска: Спојувањето на безбедносните агенции е голем ризик

Претседателот на Социјалдемократската партија на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, денеска оствари средба со претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска Давкова, при што, како што велат од партијата, изразил загриженост за опасноста од спојување Агенцијата за национална безбедност со Агенцијата за разузнавање.

„Изразив загриженост и нагласив дека сметам дека треба да реагира на некои работи за кои мислам дека се во нејзини ингеренции и овластувања. Тоа е пред сè партизацијата што се случува во некои од безбедносните структури. Ја истакнав опасноста што мислиме дека може да биде многу голема, доколку дојде до спојување на двете безбедносни агенции и продолжи ваквата партизација“, рече Филипче.

На новинарско прашање во врска со спојувањето на безбедносните агенции, Филипче нагласи дека во времето на Владата на СДСМ е направена реформа и тие институции се одвоени и професионализирани.

„Затоа мислиме и затоа реагираме дека партизацијата што во моментов се случува во Агенцијата за национална безбедност треба да престане и, исто така, сметаме дека спојувањето на двете агенции во една навистина ќе направи непоколеблива институција која тешко може да го контролира животот. Ова денеска и’ го кажав на претседателката“, рече Филипче.

Тој очекува оваа форма на политички дијалог меѓу претседателот на државата и опозицијата да се одвива на редовни средби