Средба со комесарката за проширување на Европската унија – Марта Кос

Актуелниот статус на македонското ЕУ-досие, заемната посветеност за надминување на предизвиците и неопходноста од забрзување на евроинтегративниот процес беа во фокусот на денешната средба со комесарката за проширување на Европската унија – Марта Кос, која се одржа во Луксембург, на маргините на неформалната вечера во рамки на Советот за надворешни работи на Европската унија.

На средбата заеднички ја потврдивме посветеноста на Владата кон реформската агенда и целосната усогласеност на државата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата – што дополнително ја потврдува нашата стратешка ориентација и трасира кредибилен и веродостоен пат кон полноправно членство во ЕУ. Притоа, уште еднаш ја нагласивме неопходноста од што поскоро започнување на преговорите со Унијата.

Разговаравме и за трагедијата што неодамна се случи во Кочани. Изразив искрена благодарност за поддршката што ЕУ ја покажа кон македонскиот народ – како преку директната помош од земјите членки, така и преку брзото активирање на Европскиот механизам за одговор на кризи.