Претседателот на Собранието Талат Џафери на средбата со албанската министерка за европски и надворешни работи Ољта Џачка истакна дека Северна Македонија и Албанија градат одлични билатерални односи, со продуктивен политички дијалог и соработка во значителен број области од заемен интерес, информираат од Собранието.
Тој нагласи дека двете земји споделуваат заеднички цели и интереси на надворешно-политички план во врска со членството во Европската Унија, соработката во рамките на НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Џафери се осврна на претседавањето на земјава со ОБСЕ и со Јадранската повелба – А5, како и претстојното претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Со оглед дека Албанија претседаваше со ОБСЕ во 2020 година, тој оцени дека албанското искуство може да биде од голема корист за нас.
– Претседателот го подвлече значењето од реализацијата на инфраструктурните проекти во двете соседни земји за поголема размена на луѓе, стоки и услуги. Нагласи дека изградбата на патишта, енергетското и железничкото поврзување во рамките на Коридорот 8 останува приоритет, а во тек се подготовките за започнување на автопатската поврзаност, соопштуваат од Собранието.
Министерката Ољта Џачка оцени дека конструктивната комуникација меѓу двете држави претставува модел за успешна соработка меѓу соседите во регионот, а интензитетот на реализирани меѓусебни посети на сите нивоа е еден од најдобрите показатели за квалитетот на билатералните односи. Двете земји даваат значаен придонес кон евроатлантската перспектива на регионот и заеднички успешно го спроведуваат скрининг процесот со ЕУ.
Таа нагласи дека процесот на проширување на ЕУ е поврзан не само со стабилноста и безбедноста на Балканот, туку и со безбедноста на ЕУ и европскиот континент.
– Во врска со условот за промена на Уставот на земјава, Џачка нагласи дека станува збор за политички процес за кој е потребна голема волја и укажа дека сите политички фактори треба да го имаат предвид интересот на државата и на граѓаните, известуваат од Парламентот.
Соговорниците ја нагласија заедничката посветеност на двете земји за сеопфатен развој на Западниот Балкан и ги поздравија резултатите од последниот Самит на Берлинскиот процес, во однос на постигнатиот напредок во слободното движење на граѓаните од земјите од регионот, со заемно признавање на личните карти, универзитетските дипломи и професионалните квалификации. Од големо значење се и бројните договори потпишани во рамките на Иницијативата Отворен Балкан, а реализацијата на обврските преземени со овие договори останува заеднички приоритет.
Џафери и Џачка разменија мислења и за состојбата во регионот, во контекст на руската агресија врз Украина, како и дијалогот меѓу Косово и Србија, постигнат во Охрид.
– Нагласувајќи дека годинава се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, соговорниците изразија уверување дека долгогодишното партнерство меѓу двете држави и позитивниот тренд во развојот на билатералните односи и соработката во повеќе сфери од заемен интерес и натаму ќе се унапредува, велат од законодавниот дом.