Ученици произведоа три нови производи во фармацевтската лабораторија на Средното училиште „Ѓорче Петров“ во Кавадарци, информираа попладнево од оваа воспитно-образовна установа.
– Вештите и вредни раце на учениците од медицинската струка – „фармацевти“, денеска изработија природни производи од билката гавез, во форма на крем, гел и маст. Гавезот е магична билка, моќно решение за многу здравствени проблеми. Нејзините лековити дејства се познати одамна. Лековити се и лисјата и коренот. Се користи за болни зглобови и артритис, против ревматични болки, отоци, помага кај гихт, помага кај повреди. Се користи и во козметиката бидејќи ја регенерира и подмладува кожата, ги намалува брчките, стриите, белезите, појаснија од училиштето на нивниот фејсбук-профил.
Производите се наменети за домашна употреба и не се наменети за продажба, а ментор на учениците е Блаже Ѓорчев.