Српско МВР соопшти за апсење водачи на „Балкански картел“, најголеми дилери на кокаин од регионот (ВИДЕО)

Во голема полициска акција, во Србија уапсени се водачи на балкански картел кој во последните години организираl шверц на повеќе од 7 тони кокаин во Европа, тврдат официјални лица од српското МВР.

„Уапсените во Србија се најголемите шверцери на кокаин од Балканот. Од 13 уапсени, тројца се веќе во затвор. Работата на овој случај се уште трае“, изјави на прес конференција шефот на Управата на криминалистичката полиција на Србија, Нинослав Цмолиќ.

„Во координација со Европол и Евроџаст, уапсени се 13 лица, членови на организирана криминална група составена од неколку независни ќелии, кои функционирале како Балкански картел. Во соработка со Европол, Србија успеа да ги идентификува клучните цели на нејзината територија и да ги мапира нивните криминални активности низ светот. Се верува дека овој картел стои зад пратките од повеќе тони кокаин кои во Европа пристигнале од Колумбија, Бразил, Еквадор, но и преку Западна Африка како логистичка транзитна поддршка“, изјави Цмолиќ.

Според него, таа меѓународна акција резултирала со отстранување на најголемата криминална организација за трговија со дрога од Балканот.

Лицата биле уапсени во акција спроведена во повеќе градови на Србија.

Цмолиќ изјави дека во Србија се уапсени криминалните водачи на картелот, односно неговите независни ќелии, како и најголемите дилери на кокаин од Балканот.

„Уапсени се вкупно 13 лица, од кои тројца се веќе во затвор, претресени се повеќе од 20 локации каде е пронајдена поголема сума пари и оружје. Работата на овој случај се уште трае“.