Срцевите удари драстично се зголемуваат по пандемијата

Објавена е нова студија што го поврзува зголемувањето на бројот на срцеви удари со последиците од ковид-19. Студијата беше спроведена од институтот за срце „Смит“ во медицинскиот центар „Сидарс-Синаи“ и беше објавена во „Џрнал оф медикал вајролоџи“. Истражувачите откриле дека вкупните срцеви удари се зголемени за сите возрасни групи од почетокот на пандемијата за 14 проценти.
До втората година од пандемијата (2022), срцевите удари кај возрасната група од 45 до 64 години се зголемиле за 19,6 проценти, а кај групата 65 и постари за 13,7 проценти. Меѓутоа, најмладата возрасна група (25-44) имала најголем пораст, од речиси 30 проценти.


– Постојат неколку потенцијални објаснувања за скокот на срцевите заболувања кај пациенти поврзани со ковид-19, но сè уште има многу неодговорени прашања. Поважно, нашите резултати ги истакнуваат разликите во смртноста што произлегоа од пандемијата и опстојуваат дури и во ерата на омикрон – рече Ји Хуи Јео, автор на студијата и лекар во „Сидарс-Синаи“.


Истражувачите рекоа дека пред пандемијата, светската статистика за срцеви удари била во опаѓање, но дека пандемијата го запрела тоа.
Експертите веруваат дека има можни објаснувања. Тие рекоа дека ковид-19 може да ја активира или забрза состојбата кај пациенти со претходно постојна коронарна артериска болест.
Работите како губење на работното место, финансиски притисоци и социјална анксиозност, кои се зголемија за време на изолацијата, се сметаат за потенцијални фактори за зголемување на срцевите удари. Сето ова може да доведе до акутен или хроничен стрес, кој води до срцеви заболувања.