Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) апелираше до пратениците што побргу и „без политичка битка“ да го изгласаат ребалансот на буџетот со што ќе се прераспределат финансии за да се обезбеди покачувањето од 10 отсто за вработените во јавниот сектор со септемвриската плата, за што Собранието денеска ја почнува расправата. Синдикатот на УПОЗ денеска испратил во Собранието амандман на предложениот ребаланс со барање за сите корисници на буџетот платите да бидат повисоки од најмалку 30, а најмногу 78 проценти т.е. колку што им се зголемени на функционерите.
Претстојното покачување од 10 проценти за вработените во јавниот сектор е согласно Општиот колективен договор (ОКД) кој ССМ го потпиша со Владата во јули годинава. Со Договорот, исто така, првпат е обезбедено право на регрес за годишен одмор кое вработените во полицијата, армијата, здравството, образованието ќе го остварат со очекуваниот ребаланс.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на прес-конференција ги повика министрите, градоначалниците и директорите на институции да го применат ОКД за јавен сектор со оглед на тоа што до Синдикатот стигнале пријави од вработени дека нивните раководители не преземаат никакви активности во врска со одредбата за зголемување на платите од дополнителните 10 проценти.
-Да изготват решение за секој вработен во јавниот сектор со кој ќе го утврдат ова право и на таков начин ќе го исплатат или, пак, да склучат колективни договори на ниво на работодавачи, нешто што правиме во изминатиот период како синдикати здружени во ССМ, рече Трендафилов.
Соопшти и дека пратениците не одговориле на иницијативата на ССМ, поднесена пред повеќе од еден месец, за намалување на нивните и платите на судиите и именуваните функционери кои беа зголемени за 78 проценти. Со иницијативата се бара измена на Законот за плати на избрани и именувани функционери односно примена на ОКД со кој и функционерите и вработените ќе имаат ист начин на пресметка на плата, почнувајќи од март 2025 година. Тоа било преговарано и пред потпишување на ОКД и тогаш, велат од ССМ, тоа било прифатено, но од јули функционерите „се глуви“ на ова барање.
-Глуви се, немаат храброст да не исконтактираат ниту да не прашаат за причината за поднесената иницијатива. ССМ ја поднесе затоа што и додека преговараше за ОКД го кажувавме тоа што го кажуваме и денес – вработените нема да бидат задоволни со зголемувањето од 10 проценти на нивните плати ако функционерите незаслужено, без никаква зголемена продуктивност откако си ги зголемија платите, ги уживаат придобивките од срамната одлука на Уставниот суд… Со вакво селективно покачување, државата е за едни е мајка, а за други маќеа, рече Трендафилов.
Најави „жешка есен“ на протести и штрајкови на синдикатите здружени во ССМ. Денеска вработените во Водостопанство АД во државна сопственост излегуваат на протест пред Владата затоа што два месеца немаат плата.
Претседателот на УПОЗ Трпе Дејаноски на прес-конференцијата соопшти дека на 27 септември во штрајк ќе стапат вработените во јавните обвинителства, а наредниот ден и вработените од сите судови во државата ќе протестираат пред Министерството за правда и пред Владата.
И едните и другите ќе бараат зголемување на платите во ист износ како и именуваните функционери, односно за 78 отсто, како и враќање на додатоците на плата кои им се загарантирани со закон, а не им се исплаќаат веќе половина година. Во обвинителствата работат околу 650 вработени и околу две илјади се во судовите.
-Штрајкот во обвинителствата ќе трае се до исполнување на барањата на вработените, а за време на штрајкот ќе се работат само итните и неодложни работи како што е пропишано со закон, рече Дејаноски и посочи дека 95 отсто од вработените во правосудството и државната управа земаат помалку од просечната плата во државата.
Синдикатот на УПОЗ, рече, денеска испратил во Собранието амандман на предложениот ребаланс на буџетот со барање за овие институции, како и за сите други корисници на буџетот, да се предвиди дополнително зголемување на платите од најмалку 30, а најмногу 78 проценти т.е. онолку колку што функционерите си ги зголемиле своите плати.
-Проблемите во судовите и обвинителствата се таложат со години наназад, а кулминираа со зголемување на платите на функционерите. До пред март годинава разликата на платите меѓу вработените и функционерите беше од еден спрема два до еден спрема три, а сега разликата е еден спрема шест до еден спрема седум. Ваквата состојба е неодржлива, рече Дејаноски.
Рече дека незадоволството е огромно и во други институции на државната управа и дека „под закана од штрајк и прекин на работата“ се и вработените во државното Правобранителство, Управата за заштита на културното наследство и во Фондот за здравствено осигурување.
-Апелираме до надлежните да нѐ викнат на преговори, да не нѐ игнорираат како што тоа го прави министерот за правда со кого немаме ни еден состанок од неговото назначување до сега. Се надеваме дека со преговори ќе ги решиме проблемите. Во спротивно, штрајковите и протестите само ќе се интензивираат, рече претседателот на УПОЗ.