ССМ бара зголемување на минималната плата! Мицкоски: Пари за дополнителни придонеси што Владата би ги платила не се предвидени во буџетот

На следната владина седница во вторник ќе бидат предложени тројцата членови на Комисијата за утврдување синдикална застапеност, најави премиерот Христијан Мицкоски. Во изјава за медиумите, коментирајќи го барањето на македонските синдикати за зголемување на минималната плата, Мицкоски рече дека прво треба да се избере синдикалниот претставник, а потоа да се разговара за зголемување на минималната плата.

„Жалам што Сојузот на синдикати на Македонија полека, но сигурно се претвора во партиска платформа или портпарол на коалицијата Левица, СДСМ и ДУИ, а практично тоа што го кажуваат во Собранието, го кажуваат и на медиумските конференции. Тие го избраа овој начин да работат. Жалам што овој предлог недостасуваше во минатото. Мислат дека сега ќе го исцрпат буџетот и ќе дадеме 100-200 милиони денари, за нив нема патишта, градинки, училишта, канализација…“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Општина Илинден.

Тој додаде дека Владата ќе го прифати барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 30.000 денари доколку синдикатите и работодавачите се договорат за оваа сума, но трошоците целосно ќе ги покриваат работодавачите.

„Дополнителните придонеси што Владата би ги плаќала не се предвидени во Буџетот“, рече Мицкоски.

ССМ во понеделникот на прес-конференција соопшти дека бара дополнително зголемување на нето платата за 6.000 денари, додека работодавачите да бидат ослободени од социјалните придонеси за една година, поточно придонесите да ги субвенционира државата.

Ваквиот предлог, според изјавите на повеќе претставници на работодавачите, не е прифатлив и одлуката треба да ја донесе Економско-социјалниот совет, кој сè уште нема закажано седница.