Сојузот на синдикати на Македонија упати честитка по повод Меѓународниот ден на жената во која во име на сите жени бара поголема институционална поддршка за родова еднаквост и елиминирање на сите форми на родово базирано насилство и дискриминација.
– Жените, членови на ССМ бараат одржливи работни места, поголеми и подостоинствени плати, здрави и безбедни услови за работа, социјална сигурност и остварување на работничките права, се вели во честитката.
Од ССМ порачуваат дека се неопходни поголем број на градинки, згрижувачки капацитети за возрасните членови на семејството, здравствена заштита и социјална сигурност како предуслов за остварување на балансот меѓу трудот, работењето и остварувањето на потребите на семејството.
Се залагаат за еднакви услови, можности и обврски во грижата за децата и семејството, без стереотипи и предрасуди.
Националната законска регулатива има утврдено еднакви демократски права за двата пола, велат од ССМ, но во практиката сеуште жените се дискриминирани и исправени пред одлуката дали да имаат кариера и работа или да се определат за чување на деца и грижа за семејството.
– Сеуште има работодавачи кои ги обесхрабруваат жените на начин што работно не ги ангажираат, а и доколку ги вработат ги распоредуваат на пониски работни позиции и пониски плати од нивните колеги мажи,без оглед на тоа што жените се еднакво квалификувани, оспособени и продуктивни. Единствена причина за ваквиот однос кон жените работнички е поради нивната репродуктивна улога, грижа за децата и домашната работа. Дискриминацијата на жените и родовите стереотипи се сеуште присутни и актуелни во дел од компаниите, а често менаџерите и работодавачите бременоста ја третираат како ризик и пречка за работно ангажирање на жените, посочуваат од ССМ.