Стапи во сила одлуката за замрзнување на цените на повеќе видови овошје и зеленчук

Во трговијата на мало од денеска килограм свежи домати може да се продава најмногу за 70 денари за килограм, свежите краставици до 75 денари за килограм, килограм кромид до 60 денари, килограм карфиол до 70 денари, килограм свежи зелени пиперки до 90 денари, килограм грав до 75 денари, килограм леќа до 110 денари, килограм банани до 70 денари, килограм портокали до 55 денари, килограм мандарини до 60 денари и килограм лимони до 55 денари.

Причина за тоа е стапувањето во сила на одлуката на Владата за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало и тоа на свежи домати, свежи краставици, кромид, карфиол, свежи зелени пиперки, грав, леќа, банани, портокали, мандарини и лимони што беше донесена на вчерашната владина седница.

Највисоките цени на овие производи во трговијата на мало, ќе се применуваат и на зелените пазари и тоа од 5 април 2023 година до 30 април 2023 година, а одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во ‘Службен весник“, информираа од Владата.

Неодамна владини претставници посочија дека со замрзнатите цени се ограничува очекуваната заработка на трговците, но дека тие нема да работат со загуба, бидејќи и во замрзнатите цени е предвидена профитна маржа. Како што кажаа, кај некој од овие производи маржите оделе и до 250 отсто.

Од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) најавија дека ќе има контроли и на зелените пазари и посочија дека досега направиле повеќе од 1.800 инспекциски контроли при што во неколку случаи констатирале прекршувања на одлуката за што изрекле глоби во висина од над 2,5 милиони денари.

ВладаМакедонијахрана